МЕЃУНАРОДЕН ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА КУЛТУРНИ, ДУХОВНИ И ХУМАНИ ВРЕДНОСТИ “БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ”


Почитувани,

Ни претставува посебна чест и задоволство да Ве поканиме да бидете дел од еден прекрасен и уникатен од ваков жанр настан – четвртиот по ред Меѓународен филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности - “Богородичен Покров“, кој ќе се одржи во Скопје, од 14 до 20 октомври, 2019. година во Кинотеката на Р.Mакедонија. Фестивалот е од непрофитен карактер и е основан заради големата потреба за поддршка и негување на културните и духовни вредности и хуманоста во опшетството и човештвото!
Традиционално, на Свеченото отворање на фестивалот се доделуваат ДИПЛОМИ за културни, духовни и хумани вредности на Амбасадите и Покровителите на фестивалот и истото се снима за телевизиско емитување на Националнa Телевизиja.
Фестивалот е основан во 2016 година, а досега беше поддржан од Амбасадорите во С.Македонија на: Руската федерација, Чешката Република, Словачка Република, Полска, Словенија,Кралството на Шпанија, Босна и Херцеговина и Романија со филмови од нивните држави од овој жанр, со гости и и говор на Амбасадорите на Свеченото Отворање. Годинава ќе бидат со свои филмови присутни и Црна Гора, Србија, а во преговори сме и за филмови од други држави.
Во програмата на оваа интернационална манифестација, се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното и духовно наследство, етиката и моралот, семејните вредности и хуманоста, како и историски и биографски филмови. Овој фестивал досега го поддржаа и најавторитативни стопански субјекти во Македонија меѓу кои: Т. А. Савана како Почесен спонзор, Макпетрол, Витаминка, Алкалоид, Скопска Пивара, Лукоил, Тиквеш – Кавадарци, Кожувчанка, Горска, печатниците Пропоинт и Bato @Divine, Viva сокови, хотели Holliday Inn, TCC Grand Plaza, Queen’s hotel, хотел Flamengo - Охрид и др.
Фестивалот медиумски го покриваa МТВ, ТВ 5, ТВ Сител, ТВ 24 Вести, ТВ Сонце, ТВ Алфа, Вечер, Нова Македонија, Премин портал и др.
Почесен Претседател на фестивалот е проф. д-р Јован Таковски, протојереј - ставрофор, одликуван со златен медал “Св. Климент Охридски” на државно ниво за својот професионален ангажман.
Основачи на фестивалот се Коле Јовановски, монтажер и режисер во МТВ, добитник на повеќе светски награди и признанија, кој минатата година се упокои и затоа третиот по ред фестивал беше во негов спомен, и од неговата сопруга Зорица Костовска, поранешен 10 - годишен член на Меѓународната Академија на Телевизиски Науки и Уметности во Њујорк - Еmmy Awards, поранешен Директор за меѓународни копродукции на МРТ и носител на проектот за воведување на сателитскиот канал на МРТ, со над 30 годишно искуство како ТВ и филмски продуцент, сценарист и режисер, истовремено дипл. дипломат и дипл. теолог.
Програмскиот совет на фестивалот го сочинуваат: Антонио Митриќески, професор на ФДУ и режисер, добитник на бројни интернационални награди, Драги Таневски – интернационален директор на фотографија вработен неколку децении во МТВ и Вардар филм- добитник на најпрестижни светски награди, Ѓоко Ѓоргевски, декан на Богословски факултет “Свети Климент Охридски“ во Скопје и поранешен Амбасадор во Ватикан, Владимир Ангелов, виш филмолог и Директор на Кинотека на Р. Македонија и Зорица Костовска, директор на фестивалот.
Организацијата е на Топ Ворлд ТВ продукција од Скопје, која е основана во 1994 година, чија определба е да негува општествено полезни и хуманистички продукции и проекти.
Се надеваме дека овој благороден проект ќе биде дел во Вашата годишна програма. Ви стоиме на располагање за средба, со можност да Ви споделиме референци од досегашните фестивали.

Со почит,
Зорица Костовска - директор на фестивалот
ТВ и филмски продуцент
mail: topworldskopje@gmail.com


ОСНОВАЧИ НА ФЕСТИВАЛОТ - „БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ“

ЗОРИЦА КОСТОВСКА

Oсновач и директор на фестивалот
тв и филмски продуцент, дипл. теолог и дипл. дипломат

Дипломира на Богословски факултет “Свети Климент Охридски” во Скопје, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а претходно дипломира дипломатија на Факултет за политички науки во Белград. Работи во дипломатија во регионите на Африка, Азија, Русија, посебно во доменот на човековите права, и била претседавач на конференции за човекови права во Индија под покровителство на Раџив и Соња Ганди, Замбија, Зимбабве, Танзанија, Сенегал, Мали, Гана и др.
Магистерскиот труд е со наслов “Култот и традицијата на Пресвета Богородица во Македонија”. Десет години е член од Македонија во Меѓународната Академија наТВ науки и уметности во Њујорк, која ги доделува Еmmy Awards наградите; поранешен директор за меѓународна сoработка и копродукции нa МРТ и носител на проeктот за воведување на сателитскиот канал на МРТ; основач на TELESEE NETWORK на националните ТВ куќи во југоисточна Европа под покровителство на Владата на Кралството Данска, носител на балкански семинари за дигитална технологија со BR- ТВ од Германија, претставник на Р. Македонија во Регионална Медитеранска соработка при ТВ РАИ, Национален координатор на Р.Македонија во балканскиот Конзорциум – Балканет и Еуронет и др.
Има над 30 годишно искуство во доменот на пресс, радио, новинарство, ТВ и филмска продукција. Автор, сценарист и режисер на стотина ТВ емисии и документрани филмови од разни жанрови во сопствената независна ТВ и филмска продукција Top World од Скопје, која постои од 1994 година. Има реализирано голем број репортажи од Македонија, Холивуд, Њујорк, Буенос Аирес, Лондон, Кан, Париз, Берлин итн. и бројни интервјуа со видни личности меѓу кои Mr. Buthros Ghali – генерален секретар на ООН, Mr. William Hapzer - Директор на UNICEF, Mr. Bruce Gordon – Претседател на TV "Paramount", Mrs. Patch Mitchel – Претседател на TV Turner Company и др. Од 2014.година е и продуцент, сценарист и режисер на православната едукативна ТВ серија “По делата ќе те препознаaм”. Основач, автор и директор на прв меѓународен филмски фестивал во Македонија за духовни и хумани вредности “Богородичен Покров “ во 2016. година.
контакт: topworldskopje@gmail.com


ОСНОВАЧИ НА ФЕСТИВАЛОТ - „БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ“

КОЛЕ ЈОВАНОВСКИ
IN MEMORIAM
(1959 – 2018)

Oсновач на фестивалот
тв и филмски режисер, монтажер и дипл. правник

На 58 годишна возраст се упокои еден од најкреативните и најпродуктивните пионери на електронската телевизиска монтажа и постпродукција, маестро Коле Јовановски. Од 1981 година работеше во својство на ТВ монтажер, асистент на режисер и режисер на околу 5000 емисии од разни жанрови - играни и документарни филмови и серии, драми, репортажи, музички програми и спотови, детски емисии, кампањи, кои беа наградувани на голем број меѓународни фестивали.

Видео арт програмата Кокино беше прикажана во Холандија на Worldwide Video Festival во 1993 година и на фестивалот European Media Art во Германија, во Institute of Contemporary Arts во Бостон – САД, како и на видео средбите во Белград – Србија во 1992 година. На сите овие фестивали се стекна со признанија и е дел од библиотеката на Институтот во Бостон. Добитник е на награда на фестивал во Неум - Југославија, за документарната емисија Мојот татко Изет. Емисијата составена од фолклорни музички спотови Песна на ангелот е една од најрепрезентативните и најпродавани видео касети во касетната продукција на МТВ. Исто така, беше монтажер и помошник режисер на документарниот филм Македонската книга на живите, промовиран во Париз и емитуван на француската ТВ, на телевизискиот филм Мугри и монтажер на ТВ играна серија Тврдокорни, која беше пример на едукативно-наставно градиво на ФДУ во Скопје...

Во архивата на МТВ ќе останат огромен број на врвни ТВ документарни филмови за нашите цркви и манастири, а во последните години работеше на православната едукативна телевизиска серија По делата ќе те препознаам во продукција на Top World. Со огромен труд и при тешка болест се жртвуваше и работеше за Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности "Богородичен Покров", и затоа третиот фестивал во 2018 година беше во слава и чест на Пресвета Богородица и во негов спомен.

Си замина со зборовите "Сите сме добри луѓе", како кротко и тивко јагне во големите страданија. По неговите дела Бог ќе го препознае кои му се посветени Нему, на Пресвета Богородица, светителите, на својот народ, по делата кои се историја на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија и на Македонската Телевизија.
Господ нека ја помилува неговата душа! Амин.