ПОЧЕСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФЕСТИВАЛОТ „БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ“
Проф. д-р ЈОВАН ТАКОВСКИ
Проф. д-р Јован Таковски, протојереј-ставрофор, добитник е на златен медал „Св. Климент Охридски“ на највисоко државно ниво за неговиот живот и дело. Студира постдипломски студии во Париз на прочуениот Виши пастирско-катихетски институт, а докторира на темата “Просвештението во теологијата на Св. Климент Охридски“. Бил визитинг професор во Австралија, на Мелбурншкиот институт за православни христијански студии, при Универзитетот во Мелбурн. Има голем број значајни трудови, меѓу кои: “Патрологија“, Прва црковно- словенска граматика со црковнословенски-македонски речник“, “Македонска житијна литература од 9.до 18.век и др.
За прв пат преведува за МПЦ-ОА обемни дела од црковнословенски на македонски јазик, меѓу кои се: “Посен триод“, “Цветен Триод“, “Октоих“ - прв и втор том, “ Избор на месечни и празнични богослужби“, “Слова, поуки и житија на Св.Климент Охридски“ и др. Позначајни преводи од француски на македонски јазик се: “Мистичната теологија на Црквата од Исток“ на Владимир Лоски, “Бог е жив“, “Тартаренова трилогија“ на Алфонс Доде, “Јулија или Новата Елоиза“, “Општествениот договор“ на Жан Жак Русо, “Расказите на еден поклоник“ и др.
ПРОГРАМСКИ СОВЕТ НА ФЕСТИВАЛОТ „БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ“
ДРАГИ ТАНЕВСКИ
Драги Таневски е директор на фотографија на над стотина документарни филмови,на играни филмови електронски и на филмска лента и директор на фотографија на ТВ и филмски дела во сите жанрови.
Меѓу неговите наградени дела се: “Сестри“, документарен филм за кој ја добива наградата “Бронзен змеј“ во Краков, во 1992.година. Специјална награда во Токио добива во 1994.година за документарниот филм “Светица“. За “Децата од Шведска“, документарен филм на филмска лента е награден во Порторож.
На фестивалот “Браќа Манаки“ се стекнува со признание за континуирана дејност вo 2007. година. За документарниот филм “Долина на светците“ ја добива наградата на престижната “Златна Корија“ на фестивалот во Крушево, во 1999. година.
Документарниот филм “Планетариум“ е награден на документарниот фестивал во Њујорк во 2005. година, а втората камера во филмот е на Владо Јаневски.
ПРОГРАМСКИ СОВЕТ НА ФЕСТИВАЛОТ „БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ“
ВЛАДИМИР АНГЕЛОВ
Дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1992 год. Работи како продуцент во Вардар филм а од 1995 година во Кинотека на РС. Македонија на елаборатот за реставрација на македонскиот филмски фонд снимен во период од 1948 до 1953 год. врз основа на кој Кинотеката на РС. Македонија ги изработува заштитните филмски копии на овие филмови. Реализира и соработува на голем број проекти што се однесуваат на прикажување на филмски циклуси од разни национални кинематографии, ретроспективи на автори, како и презентација на програми посветени на филмската класика, но и на современата кинематографија како на пример: Американската литература на филм, Американскиот вестерн, Американското новинарство на филм, Современ Холандски игран и документарен филм, Ретропесктиви на Фасбиндер, Фатих Акин, Јиржи Трнка, Вим Вендерс, Иштван Сабои, Ингмар Бергман, Јиржи Менцел, Џузепе Ферара, Германски детски филмски фестивал, Современа германска продукција и списанието за филм Револвер.
Исто така, ангажиран е и на циклусите на Современ Шведски филм, на Јапонски филмски фестивали, на Неделата на Советски неми филмови, Неделата на франкофонијата, на презентациите на Руски, Романски, Бугарски, Шпански, Израелски филмови... Соработува со Интернационалниот фестивал на филмската камера Браќа Манаки и Скопскиот филмски фестивал. Во 2016. година е дел од жирито на фестивалот на краткометражен филм Watch Out воТетово. Како претставник на ГЕТЕ Институтот е дел од претселекционата комисија на проектот Прво Првиот Филм (First Films First) , проект за поддршка на филмови на млади автори.
Од 1997 година соработува со КИНОПИС каде објавува околу триесетина текстови-интервјуа, критики и фестивалски прегледи се до теорија. Исто така, соработува со Македонската академија на науките на проектот Фотографијата и филмот на почвата на Македонијa и на Mонографијата Трајче Попов... Денес работи на функција директор на Кинотеката на РС. Македонија.
ПРОГРАМСКИ СОВЕТ НА ФЕСТИВАЛОТ „БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ“
Проф. д-р ЃОКО ЃОРЃЕВСКИ
Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски докторира на Понтификалниот универзитет “Грегоријана” во Рим - Италија.
Автор е на трудовите “Месијански псалми“, “Пентатеух“, “Толкување на избрани текстови од Мојсеевото Петокнижие“, “Старозаветна исагогика“, “Општ вовед во Светото писмо на Стариот завет“, “Прилог кон проучувањето на Соломоновата збирка од книгата Соломонови изреки (10,1-22,16) и др.
Учествува со свои трудови на над 40 конференции, семинари, религиски форуми во Македонија, Италија, Романија, Бугарија, САД, Велика Британија, Германија, Словачка, Албанија и др.
Објавил околу 30 статии, научни трудови и рецензии во земјата и странство. Од февруари 2010.година бил Амбасадор на РС. Македонија при Светата Столица (Ватикан).
Денес е професор и декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
ПРОГРАМСКИ СОВЕТ НА ФЕСТИВАЛОТ „БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ“
Проф.д-р АНТОНИО МИТРИЌЕСКИ
Интернационалниот режисер Антонио Митриќески награден е за филмовите “Ден“ и “Двобој“ со специјални дипломи и награда на градот Лоѓ.
За документарниот филм “Љубовта кон Кочо Топенчаров“ добива златен медал за дебитантски филм на Фестивалот за документарен филм во Белград. Филмот “Преку Езерото“, долгометражен филм, македонско - полска копродукција, премиерата ја има во Монтреал, а се стекнува и со награда од публиката на филмскиот фестивал “Браќа Манаки“ во Битола, во 1997.година.
“Како лош сон“, долгометражниот игран филм, македонско - хрватско - англиска копродукција, премиерата ја има и добива признание на 27. филмски фестивал во Монтреал. “Децата на Сонцето“, долгометражен игран филм, продуциран 2014. година, македонско – српска - копродукција, светската премиера ја има во Лондон, во официјална селекција на Raindance Film Festival, а се овенчува со златна медалја за најдобар игран филм на Македонскиот филмски фестивал во Торонто(“MFF”) и со награда за најдобар режисер на на филмскиот фестивал “Денови на Македонскиот филм“ во Сиднеј...
Митриќески учествува на голем број филмски фестивали во Европа, Америка, Азија, Австралија и Африка. Одржал работилници за филмската режија во Сиднеј, Белград, Лоѓ, Битола, Бари... Режира поголем број документарни филмови од историјата на Македонија.
Докторира во 2010.година на тема Теорија и практика на документарниот филм. Работи како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.